Утре (вторник, 5 април) започнува продажбата на билетите за годинашното, петнаесетто по ред издание на OFF-Fest. Фестивалот, кој во организација на Скопскиот џез фестивал ќе се одржи од 27 до 30 мај, ќе ги однесе слушателите на музичко патување низ пространствата на Африка, Северна и Јужна Америка и Европа.
Цената на билетот за концертот на виртуозната чешка виолинистка и пејачка Ива Битова (Iva Bittova) што ќе го отвори фестивалот на 27 мај се продава по цена од 300 денари. Истата вечер, магијата на OFF-Fest ќе продолжи во Метрополис арена со концертот на пионерот на „French touch” St Germain, за кој посетителите ќе платат 700 денари (цена која ќе важи до 3 мај, после што билетот ќе се продава по регуларна цена од 900 денари), и 1200 денари за место во ВИП ложата. Билетот за концертите на американскиот поет и рапер Сол Вилијамс (Saul Williams) и на енергичните португалци Batida (28 мај) чини 600 денари. За концертот на „златниот глас на Африка” – легендарниот Пет Томас (Pat Thomas) и неговиот Kwashibu Area Band, што ќе се одржи на 29 мај, посетителите ќе платат 400 денари. Влезницата за фестивалската завршница на 30 мај во МКЦ со бразилската гитаристка и пејачка Бади Асад (Badi Assad) и италијанскиот традиционален состав Canzoniere Grecanico Salentino чини 500 денари.
Комплетот билети за сите четири концертни вечери на OFF-Fest се продава по цена од 2200 денари.
Во рамките на јубилејниот OFF-Fest ќе биде прикажан и музичкиот документарен филм „Who is Highlife?”, чија проекција на 29 мај во Кино Фросина ќе биде бесплатна за посетителите.
Продажбата на влезниците за OFF-Fest се одвива во Југотон рекордс, Младинскиот културен центар и онлајн на mktickets.mk.
Подгответе се за уште возбудливо фестивалско издание со најдоброто од музиката на светот!
* Дивиан Артс е горд медумски спонзор на OFF-FEST 2016
