Премиерата е вечер во 20:00 часот во Драмскиот Театар
Текстот „ЖДРЕЛО“ се занимава со проблемот на глобалната потрошувачка на капитализмот. Главниот лик има необичен проблем – тој е постојано гладен и со ништо не може да ја задоволи својата глад. Голта сe околу себе и во таа конзументска агонија, го изедува дури и своето име.
Главниот лик, кој е безимен поради својата лакомост, се наоѓа во вртлогот на конзумирачкиот и потрошувачкиот дух. На своето патешествите од сиромашен отпуштен продавач на автобуски карти за внатрешен промет до богат наследник на огромно богатство, минува низ сопствениот пекол – кој е пат на сопственото спознавање. На тој пат, во потрага по својата ситост, се случуваат различни нешта за чие значење главниот протагонист не е ниту одблизу свесен. Текстот „ЖДРЕЛО“ е трагикомедија за АЛЧНОСТА на МАТЕРИЈАЛИСТИЧКО-ЛАКОМИОТ СВЕТ кој е присутен глобално.
Јазикот е гротескен, ликовите – подложни на брзи пресврти… Темите безброј… Овој текст сублимира во себе практично се’ што е дел од современието речиси во секоја урбана точка од Земјината топка…
Здрав живот, педофилија, инцест, заштита или злоставување на животни, човекојадство, расипништво, ламтеж за богатсво и пари, здрава храна, секс, експерименти, абортус, стереотипи, хомеопатија, реклами, брендови, економија, загуби, перверзно задоволување на страстите, зоофилија, понуда, потрошувачко општество… Текстот зборува и за тоа колку човештвото секојдневно, со сервирање на „животниот стил“, го доведува под прашање омиленото мото – ПОМАЛКУ Е ПОВЕЌЕ…
Па сепак, кризата на духот е еден од најсуштинските аспекти за кои говори „Ждрело“. Дереџето на човекот во кое и самиот себеси секојдневно се јаде, зашто „лакомоста најчесто е компензација за нешто што недостасува“.
Автор: | Жанина Мирчевска | |
Режија: | Зоја Бузалковска | |
Сценографија: | Љупчо Јованов | |
Костимографија: | Лира Грабул | |
Музика: | Огнен Анастасовски | |
Улоги: | Рубенс Муратовски, Лилјана Велјанова, Диме Илиев, Трајанка Илиева, Соња Стамболџиоска, Филип Трајковиќ, | |
КГ: | Димитрија Доксевски, Александар Степанулески, Ивана Павлаковиќ | |
Инспициент: | Жарко Намичев | |
Суфлер: | Даница Илиева |
Divianarts.com е член на групата на официјалните медиумски покровители на Драмски Театар.