Дизајниран е да ги исполни сите желби и потреби на современото живеење, топло дочекувајќи во убав и модерен ентериер, полн со светлина и живи бои. И покрај скромната квадратура, погодната висина е функционално искористена за креирање галерија на второ ниво, во која лежерно е сместена спалната соба. До неа водат скалилата од ореово дрво, eфектно разбивајќи ја монотонијата на белите ѕидови. Под нив, пак, просторот е наменски искористен за складирање, што е мошне практична и корисна идеја со оглед на малите димензии на станот. Полиците за книги се протегаат од подот во дневната соба, па се’ до таванот на галеријата. Во долниот дел, сместени се дневната соба, трпезаријата, кујната и бањата, со отворен план на просторот и динамичен распоред кој внесува игривост во малкуте квадрати. Контрастот помеѓу светлите ѕидови и старинските темни дрвени подови му дава посебен шарм на ентериерот, а високите прозорци овозможуваат изобилство од сончева светлина во сите простории. Модерните парчиња мебел и акцентираниот ѕид со тули прекрасно се вклопуваат во целиот амбиент, а цветниот дезен во кујната дополнително го зачинува со кокетност и свежина. Мал, но многу комфорен стан, кој сопствениците го искористиле на најдобар начин, докажувајќи дека и најмалите простори можат да станат совршен дом, со паметно, стилско и ефикасно преуредување. Пронајдете ја вашата омилена инспирација!