Daniel Hasson е архитектот на овој неверојатно дизајниран стан во Тел Авив, сместен многу близу до морскиот брег. Станот е со вкупна површина од 250 метри квадратни, а уреден е во современ стил, со пријатни неутрални тонови и суптилни луксузни допири. Ентериерот инспирира со смиреноста и префинетоста, а замислен е како еден голем и флуиден простор, кој ги обединува дневната соба и останатите простории, за да бидат што повеќе отворени кон надворешноста. Ѕидовите се заменети со стаклени панели, што на станарите им дава фантастични глетки на морето, како и голема количина на природна светлина. Декорот го сочинуваат дизајнерски парчиња мебел од колекциите на Armani и Fendi Casa, пропратени од интересна палета на бои, кои се движат од беспрекорно бела, беж, крем, чоколадна, до црна и златна нијанса. Подовите се по малку блескави, што внесува дополнителна елегантна нота во целиот ентериер. Деталите играат главна улога во внатрешноста: богатите текстури, долгите завеси, контрастот помеѓу црната и белата боја, сјајните плафони и подови – се’ е прекрасно искомбинирано за декорот да рефлектира хармонија и рамнотежа. Сите подови во спалните соби се од мермер, и во секоја од нив е поставен голем и комфорен кревет. Проѕирните драперии, пак, дозволуваат сончевите зраци нежно да продрат во овој софистициран простор. Бањата е секако една од најубавите простории, која може да се пофали со совршен видик на морето. Замислете го уживањето и лежерното чувство кое го нуди капењето на зајдисонце, следејќи го со погледот сонцето во далечината, кое изгледа како да тоне во морското синило.