Може ли мини стан со површина од скромни 50 метри квадратни да зрачи со позитивна енергија и добро расположение? Дефинитивно да! Совршен пример е овој мал, но преубаво среден животен простор, полн со свежина, светлина и оптимизам. Најзаслужни за ваквата ведра и динамична атмосфера се колоритните детали во зелена и розова боја, кокетно разигрувајќи ги топлите неутрални тонови кои ја сочинуваат основата на ентериерот. Мебелот е по мерка и во хармонија со расположливиот простор, а за функционалноста на дизајнот важна улога има и паметниот распоред со кој станот е поделен на две зони. Во едната, креиран е отворен план во кој комуницираат дневната соба, кујната и трпезаријата, додека во другата се сместени прекрасната спална соба и бањата. Деталите се избрани со многу вкус и стил, комбинирајќи фини парчиња мебел, текстил и слатки украси во различни нијанси на зелена боја, црно-бели акценти и шик розова инспирација. Му даваат модерна нота и пријатен амбиент за живеење – идеален за млади парови. Шармантната тераса, пак, овозможува уште едно убаво и идилично доживување, надвор од ентериерот. Доколку планирате пролетно освежување на вашето станбено катче, можеби токму тука ќе ја пронајдете омилената идеја. Инспирирајте се!