И покрај скромните димензии, овој грациозен мадриски стан е толку привлечно уреден, што освојува на прв поглед со комополитскиот шарм и начинот на кој го спојува неспоивото во ентериерот. Вистинска оаза на различните стилови, каде секој агол и простор е ефектно и креативно украсен, со многу вкус, префинетост и отмена нота. Станот е неодамна реновиран, а со преуредувањето постигнат е значително посветол и покомпактен изглед во кој доминираат функционалноста и комфорот, без притоа да се оддалечи од рафинираната естетика и модерниот дизајн. Зад реализацијата на проектот се потпишува Merry Design Studio, кои иако внеле многу подобрувања и го промениле амбиентот, сепак, токму оригиналната структура и локацијата се она што му дава автентичност на ова катче за живеење. Станува збор за станбен простор во градба од 60-тите, со пристап до градина, кој не е преголем, но дефинитивно е многу интересен! Распоредот вклучува простран дневен престој со салон, трпезарија и интегрирана кујна, спална соба со бања и гостинска соба. Бојата на ѕидовите е светла нијанса на беж, а со белата основа во ентериериот, вешто и наменски се нагласени деталите, модерните парчиња мебел и уникатниот декор, создавајќи по малку аристократска, но многу светла и весела атмосфера. Дрвените бели подови во комбинација со светлите ѕидови даваат чувство на чистина и елеганција, а за игривоста и динамичноста придонесува палетата бои на мебелот и украсите, која е богата и разновидна, од неутрални нијанси до многу живи и интензивни тонови. Декорот е хармонично усогласен, и покрај тоа што на едно мало место се вметнати толку различни детали, стилови, текстури, бои, форми и материјали. Најзаслужни се за кокетноста на домот, кој иако е атрактивен и нетипично среден, во него не изостанува ни најмалку пријатниот амбиент за секојдневен живот. Како ви се допаѓа вам?