Со површина од околу 40 метри квадратни, овој мини стан е уште еден совршен пример за стилско, оригинално и компактно уредување на дом со скромни димензии. Не му недостига ништо, бидејќи со добар план и убави декоративни идеи, обезбеден е со се’ што е потребно за удобен живот, а притоа изгледа исклучително добро. Тајната на неговиот привлечен изглед и функционалноста е во темелното реновирање на станот, со кое биле извршени крупни промени на постоечкиот распоред. Првобитно, станот имал многу повеќе ѕидови, кои во процесот на редизајн се отстранети, а креиран е отворен план во кој просториите комуницираат меѓусебно. На тој начин, овозможен е подобар проток на светлината и воздухот, а со изборот на белата боја како основа за ѕидовите и мебелот и визуелно е зголемен просторот. Сега, станот е поделен на две целини, со слични димензии и облик. Во едната, поврзани се ходникот, дневната соба, кујната и мини-канцеларијата за работа и учење. Иако нема класична трпезарија, островот во кујната е вешто искористен за таа намена. Другата целина, пак, претставува интимна зона во која се сместени спалната соба и бањата. Декоративниот стил е едноставен, но мошне динамичен, весел и шарен. Ентериерот е среден со пријатни и ведри бои и текстури, флорални мотиви, природни материјали и свежи детали, кои му даваат кокетност, шарм и многу пријатен амбиент. Доколку планирате пролетно освежување на вашето станбено катче, можеби токму тука ќе ја пронајдете омилената идеја. Инспирирајте се!