Oпуштено, спонтано и разиграно – на ова прекрасно дизајнирано поткровје е едноставно тешко да му одолеете. Полно е со инспиративни идеи, а уште повеќе со интересни детали кои му даваат посебен шарм, живост и убавина. Спакувано е во 78 метри квадратни (+16м2), но со привилигирана висина од 4,5 метри, која овозможува да биде конципирано на две нивоа. Прво со што освојува е блескавиот светол изглед и релаксираниот амбиент, постигнат со изборот на белата боја како основа за ѕидовите и подот, а потоа и со дрвените допири и колоритните акценти во пријатни тонови, хармонично искомбинирани во просторот. Секое катче е стилски уредено, со внимание посветено на декорот и деталите, а сепак делува непретенциозно, модерно и младешки. Омилена инспирација? Не е лесно да се избере! Нешта кои сигурно нема да ве остават рамнодушни се библиотеката и неодоливото катче за читање кои доминираат во дневната соба, експонираниот ретро фрижидер во бебешко сина боја, минималистичката бела кујна и оригинално средените спални соби. Миксот на различни парчиња мебел, украси, материјали и стилови како ретко каде функционира во овој стан, кој е подеднакво атрактивен и удобен за живеење. Кој не би посакал да има едно вакво поткровје само за себе?