Сензуалниот спој на розовата и сината боја ги разигрува покласичните парчиња мебел, и во тандем со кокетните винтиџ декорации прекрасно се вклопува во спалната соба. Розовата е трендовска боја за престојната пролет, додека сината е секогаш добар избор за давање релаксирана нота на катчето за одмор. Во овој случај, нијансата на розата и аква сините тонови суптилно внесуваат боја и ведрина во собата, умешно искомбинирани преку изборот на детали, текстилот, па дури и начинот на кој се аранжирани цветните декорации. Контрастот помеѓу класичната линија на мебелот и винтиџ амбиентот ја буди игривоста, дополнително зачинувајќи ја просторијата со оптимизам и убаво расположение. Блескава, свежа и пролетна – доколку сте во потрага по убава инспирација за сезонско преуредување на вашата спална соба, можеби токму тука ќе ја пронајдете омилената идеја. Инспирирајте се!