Кога ќе ја погледнете оваа прекрасна куќа во природа, тогаш јасно ви станува зошто нејзините сопственици секој слободен миг го користат да побегнат од градскиот метеж и обврските, за да се препуштат на уживањето и задоволствата кои им ги нуди нивната рустична оаза. Толку е пријатно и комфорно уредена, што навистина е совршено место за одмор и релаксација. Насекаде низ куќата се чувствува фасцинацијата од зелената боја, која како нитка се провлекува во секоја соба, внесувајќи свежина во амбиентот. Во комбинација со неутралните тонови, белата основа, и рустичните допири од дрво и бамбус, совршено се пресликани боите на надворешноста во ентериерот. Акцентот е ставен на лежерноста и релаксираната атмосфера, па, така, во амбиентот доминира светлината, декорациите од свежо цвеќе и нежните детали од природни материјали. Мебелот во сите соби е базиран на светли бои и меки материјали, со умешна мешавина на стилови и деликатен спој на модерниот и традиционалниот дизајн. Кулминацијата на задоволството се случува на живописната градина, во која се поставени идилични катчиња за опуштање под ведро небо. Убаво средениот двор и зеленото опкружување гарантираат магични мигови, и дење, и ноќе. Преубава викенд инспирација!