Цел ентериер во бело руво? Зошто да не – овој неверојатен стан е одличен пример дека со изборот на вистинските детали, белата боја може да направи чуда во секој простор, особено кога е амбиентот во прашање. Чудесната бела инспирација ја пронајдовме во уникатно станбено катче во Гетеборг, со вкупна површина од околу 90 метри квадратни. Сместен е на приземје, и конципиран како двособен стан, со отворен план во кој се сместени дневната соба, кујната и трпезаријата. Стилизиран е беспрекорно, со доминација на белата боја како основа на ѕидовите, мебелот и некои од деталите. Остатокот од декорот, само суптилно ја разигрува белата хармонија, како што се декоративните перничиња и убавите прекривки во нежни и топли пастелни нијанси. Контрастните црни акценти, пак, му даваат умерена доза на елеганција на ентериерот. Постигнат е мошне лежерен изглед со смирувачка атмосфера во секоја просторија, со фини материјали, едноставност и модерен стил. Префинет, романтичен, сензуален, богат, елегантен – доколку отсекогаш сте мечтаеле за прекрасен дом во бела боја, тогаш токму тука можете да ја пронајдете омилената идеја…