Со пролетта на прагот, најновата кампања на H&M Home донесува грст убави идеи и интересни аксесоари за освежување на домот во пресрет на новата сезона. Вклучувајќи повеќе актуелни трендови во пролетната колекција, понудата на H&M варира од строг минимализам до опуштен боемски шик, во која царуваат романтичните детали во духот на 70-тите, ведрите поп арт мотиви, монохроматската игра и флоралните дезени. Палетата е свежа и пролетна, со додатоци во ведри бои и весели принтови кои ја разбиваат монотонијата на неутралните тонови, а притоа не се пренападни, доколку вашата желба е елегантен изглед на ентериерот. Во каталогот на популарниот шведски бренд претставени се четири тематски инспирации за сечиј вкус, спакувани во исто толку различни стила за уредување на домот: модерен винтиџ, боемска романса, графичка елеганција и колоритен поп стил.
За свеж пролетен ентериер, предлогот на H&M е нов модерен винтиџ стил. Ленени ткаенини, индустриски завршетоци, суптилни бои и рустичен шарм се добитната комбинација за оваа цел.
Темата боемска романса ги обединува романтичното чувство и боемскиот шарм во домот. Со цветни дезени, меки материјали и пастелни бои, на најубав начин ќе ја внесете пролетната магија во домот, а истовремено ќе го ,,облечете’’ бохо ентериерот во романтично руво.
Доколку трагате по софистициран пролетен изглед на домот, тематскиот избор е графичка елеганција. Графичките дезени со црно-бело шема се минималистички, но мошне елегантни, а во комбинација со колоритните акценти во сончева жолта, светло сина и зелена боја се идеален тандем за оваа сезона.
За вљубениците во поп арт културата, H&M препорачува колоритен поп стил, кој ги спојува интензивните бои и поп принтовите во декор кој целосно ќе ја рефлектира вашата индивидуалност во домот.
Графички минимализам, игриви принтови или релаксиран бохо шарм – одберете ја вашата омилена тема за оваа пролет!