Волшебни планински видици, раскошна природа и езерско синило кои мамат воздишки – нема сомнeж дека ова е една од најживописните локации во светот. Се наоѓа во срцето на Швајцарија, крај езерото Луцерн, распослано од истоимениот град, па се’ до познатите швајцарски планини. Извишен како вистински бисер над езерските води, на планината Бургеншток сместен е прекрасниот бутик-хотел Villa Honegg, планинска оаза со 5 ѕвезди која ги кани своите гости на уживање во амбиент од соништата. Изграден е во далечната 1905 година, со долга традиција и архаична градба која восхитува, а уште повеќе со она со што дочекува во внатрешноста. Иако ентериерот паѓа во сенка пред убавината на околните глетки надвор, не може да се занемари дека и тој е на највисоко ниво: раскошен, топол и бескрајно пријатен. Вистински рај за одмор и релаксација, со мирна и интимна атмосфера во величенствено опкружување. Погледнете ги видеото и фотографиите, и препуштете се на прекрасната мечта за Швајцарија.
Чудесна идила во Швајцарија
Секоја сезона, oва чудесно место се буди со сликовити пејзажи во различни бои, откривајќи ја магичната идила на Швајцарија во секое доба од годината.