Биро во претсобјето и софа во трпезаријата – ништо во оваа куќа не е вообичаено и очекувано! Фасадата од бели тули и трпезариската маса со цветен декор во градината, се веројатно најубавата најава за се’ она со што дочекува во внатрешноста на оваа кокетна куќа, полна со слатки тајни. Целата е украсена со антиквитети и мноштво рециклирани детали, кои и даваат посебен изглед и внесуваат многу шарм во секој агол. Во сопственост е на Natalie Haegeman, специјалистка за откривање стари и уникатни парчиња мебел и украси, со кои подоцна создава оригинален декор, водејќи се исклучиво од чувствата. Таа е главниот ,,виновник’’ за изгледот на овој интересен дом, за кој вели дека е куќа со душа, а ентериерот е една голема лабораторија на нејзините идеи. Мешавината на интензивни тонови и антиквитети се комбинацијата која освојува на прв поглед. Изборот на софа наместо класични столчиња во трпезаријата, се должи на тоа што ова е омиленото катче во домот на сопственичката, каде минува најмногу време со пријателите, па ова решение за неа било многу поудобна и попрактична идеја. Во кујната доминира спојот на црвена боја и старински детали, додека во поинтимните простории, како што се спалната соба и бањата, задржан е нежниот стил, со поблаги, умерени и неутрални нијанси. Дом кој оригинално ги поврзува рустичните елементи и колоритните акценти, целосно изразувајќи го стилот на креативната дама која живее во него. Пронајдете ја вашата омилена инспирација!