Природни и неутрални бои, во комбинација со дрвени допири, кафена кожа и текстил, се спојот кој освојува во овој шармантно уреден стан. Сместен е во стара зграда од 40-тите години на минатиот век, лоцирана во Барселона, Шпанија. Комплетно е реновиран и преуреден за да биде подеднакво удобен и функционален, при што основната идеја зад новиот дизајн била да се постигне што поприроден и топол амбиент во просторот. Реализирана е со изборот на топли нијанси на бои, но и внес на многу природна светлина во станот, со поставувањето големи прозорци. Во ентериерот кој сега зрачи со префинетоста и смирениот тон, декорот е заменет со мошне пријатни детали од природни материјали, а опкружувањето е микс на неколку различни нијанси, но од истата палета на бои. Новиот распоред на просторот фокусиран е на создавање широк, отворен простор во кој се интегрирани и поврзани меѓусебно ходникот, дневната соба и трпезаријата. Тука, беж и крем тоновите умешно се искомбинирани со топлите кафени, но и умерените црни акценти кои се вметнати за визуелен контраст. Мебелот е модерен и удобен, а комфорот и спокојната атмосфера постигнати се со хроматската хармонија помеѓу мебелот и текстилот. Обезбеден е директен пристап од дневната соба до кујната, која е дизајнирана со иста декоративна основа и топли детали како остатокот од ентериерот. Релаксираната спална соба е смирена со внесот на суптилни сини допири, додека мини канцеларијата кокетира со беж и песок тоновите. Хармонија, топлина и убавина во извонредно стилизирано издание!