Спојот на неутрални и пастелни нијанси е секогаш добар избор за уредување на домот, давајќи му суптилна колоритност, елеганција и по малку блескав изглед на ентериерот. Со ваквата палета се постигнува светлина, свежина и лежерност во просторот, па идеално решение е за секоја соба, особено во оние каде пријатниот амбиент е задолжителен. Ви претставуваме прекрасна куќа во Мадрид, за чиј елегантен дизајн се заслужни архитектите Borja de la Torre и Ángel Menéndez, а комплетно е стилизирана со повеќе различни варијации на светли пастелни и смирени неутрални тонови. Одличен пример е како со вистинските детали и убавите декоративни финеси, може да се постигне навистина извонреден ефект – стилски и опуштен изглед на домот со компактност помеѓу просториите, без притоа да делува монотоно и стерилно. Различните нијанси на сива, беж, кафена и крем во спој со белата боја креираат атрактивна визуелност во дневната соба, кујната, спалната и бањата, додека нежната розова и бледо сината се комбинацијата за игривата детска соба. Деталите се префинети и одбрани со вкус, а вклучуваат топли дрвени допири, романтични украси и цветен декор. Простор кој дише со сензуалност и убавина, зар не? Погледнете ја галеријата во продолжение и инспирирајте се од идеите во овој деликатно уреден простор.
Дом во смирени бои
Елегантен и лежерен дизајн со сензуална палета на тонови.