За сите љубители на суптилно уредените катчиња, еден прекрасен мини стан кој освојува со деликатната романтична визија во ентериерот. Станот е со површина од скромни 52 м2, сместен во автентична стара градба од почетокот на минатиот век, а со внатрешност која е неодамна реновирана. Уреден е во минималистички стил и со модерен дизајн, како и фасцинантна романтична нота внесена преку деталите. Изборот на бои се сведува на доминација на белата, во комбинација со беж, сиви и кафени тонови, што се покажува како одличен потег, бидејќи ваквата светла шема на бои визуелно го проширува просторот и му дава сјаен ефект. Вниманието најмногу го крадат впечатливите ѕидови. Во дневната соба особено атрактивен е нагласениот ѕид со поетичен шарм, половина бојадисан, половина украсен со декоративно испишан тапет. Во кокетната спална соба, ѕидот од темен ламинат неодоливо потсетува на рустично винско сандаче, а е совршено искомбиниран со нежната завеса со принт. Кујната, пак, ги спојува белите елементи, бледо сините плочки и топлиот дрвен под во мошне пријатен микс. Како целина, станот восхитува со посебноста, стилот и оригиналниот дизајн, но и сензуалноста и лежерната атмосфера која е креирана во малиот простор. Исполнет е со слатки детали, букви насекаде и инспиративни винтиџ декорации, како што е старата виолина прикачена за ѕиден декор, внесувајќи дополнителна романтика во и онака магичниот амбиент. Блескав мини стан со нежна убавина, кој сигурно нема да ве остави рамнодушни…