Становите сместени на поткровје се секогаш интересни и инспиративни, како поради уникатната атмосфера која ја креираат, така и поради убавите начини на кои може да се уреди ентериерот во овие станбени простори, надминувајќи го лимитираниот простор поради спуштените тавани. Токму во тоа и лежи убавината, и иако голем број луѓе ги избегнуваат, тие умеат да бидат многу удобни и топли, токму поради смалениот простор. Oвојпат, ви претставуваме едно навистина посебно елегантно издание. Станот е сместен во стара, но убаво стилизирана зграда од 1938-та година, која неколку пати е темелно реновирана. Не е претерано голем, со површина од 85 метри квадратни, но изгледа фантастично, со паметно, стилско и функционално оспособување на секој простор. Исполнет е со природна светлина која влегува преку големиот број прозорци, а за севкупниот светол впечаток придонесува и изборот на белата боја за ѕидовите. Темните дрвени подови идеално се вклопуваат во овој животен простор, надополнети со едноставен и функционален мебел, како и минималистички декор, без претерување со детали кои дополнително би го стесниле просторот. Најголемиот дел од парчињата мебел се модерни и со современа линија, а може да се забележи и ненаметлива, умерена винтиџ нота само кај одредени детали. Шемата на бои, пак, се сведува на елегантна комбинација на бело, црно и сиво, со акценти во нежни пастелни тонови и сребрен сјај. Од пространата дневна соба се пристапува до кокетната тераса, шармантно декорирана за пријатни мигови и уживање под отворено небо.