Со површината од 46 метри квадратни, ова станбено катче е некаде на границата помеѓу мал и удобен стан. Сепак, иако со скромна квадратура која е релативно мала за станбен простор, и без доволно простор на располагање за премногу масивно уредување, кокетно покажува дека постојат начини дури и малиот стан да изгледа атрактивно, а притоа да е исклучително комфорен за живеење. Мини станот има топол и пријатен изглед, со инвентивно уреден ентериер во кој собите, и поединечно, и како целина визуелно се привлечни, но и максимално удобни. Двособниот стан располага со отворена кујна, која е секогаш одличен избор како решение за малите станбени простори. Со елиминирањето на ѕидовите како прегради меѓу просториите, обезбеден е дополнителен простор, а се создава и чувство на пространост и отвореност во станот. Исто така, овозможува креативна слобода за стилско комбинирање на двата простора – во овој случај кујната и дневната соба, на посакуваниот начин. Тука, шанкот е главниот елемент коj ги издвојува двете простории, а остатокот од станот поседува иста комбинација на импресии и стилови како и дневната соба. Белата боја ја сочинува основата во ентериерот, а разиграна е со колоритните акценти, забавните детали и изборот на винтиџ украси како впечатлив декор. Спалната, пак, е со примамливо рустично чувство кое совршено прилега на амбиентот кој треба да го поседува оваа соба. Преубаво решение во 46 м2!