Книги, книги, книги…книги насекаде! Минијатурно станбено катче со површина од само 26 метри квадратни, претворено е во вистинско читачко гнездо и симпатичен дом со многу лежерна и пријатна атмосфера. Станот е со минималистички дизајн во препознатлив скандинавски стил, а љубовта кон пишаниот збор е со сигурност највпечатлива како акцент во просторот, меѓу остатокот романтични и несекојдневни детали. Доминира белата боја, од ѕидовите, па се’ до парчињата мебел, надополнета од неколку суптилни црни допири и дрвениот под. Малата површина е функционално искористена, така што во еден отворен простор сместени се импровизирана дневна соба, мини канцеларија и романтична спална, оддавајќи впечаток на мини дом со нежен боемски шарм. Од двете страни на ходникот, сместени се малечката кујна и тоалетот, па така, обезбедени се сите предуслови за удобен секојдневен живот. Ентериерот е многу непретенциозно и нетипично декориран, почнувајќи од лежерно ,,расфрланите’’ книги, миксот на искинати страници и фотографии со кој се облепени ѕидовите, па се до ,,креветот за мечти” поставен крај прозорецот, кои навистина му даваат уникатен изглед на просторот. Светла и сјајна оригинална визија спакувана во еднособен стан од само 26м2!