Од сите стилски решенија за уредување на станбените катчиња со мала површина, овој мини дом дефинитивно може да се пофали дека поседува ретко убава и привлечна женствена нота. Нежен ентериер спакуван во скромни 35 м2, кој освојува со сензуалноста и суптилните женски допири во уредувањето. Белата боја е доминантна во просторот, искомбинирана со малку парчиња мебел со минималистички дизајн, во манир кој е карактеристичен за скандинавскиот стил и нордиските домови. Сепак, она што му дава атрактивен и впечатлив изглед на овој пријатен мини дом се деликатните декоративни финеси, преку изборот на детали и текстил во светла пастелна розова нијанса, која како акцент внесува многу шарм во просторот. Совршено се вклопува со неутралните тонови, ѕидниот декор сочинет од романтични слики, постери и модни илустрации, и кокетниот лустер со тул. Иако со мали димензии, станот е максимално пријатен и функционален, делува многу попространо, и овозможува комфор за секојдневен живот. Дневната соба, компактната кујна и трпезаријата се интегрирани во една отворена целина, додека спалната соба и бањата се засебни простории со неопходната интимност. Делува многу свежо, сјајно и слатко, и уреден е со многу вкус од сопственичката. Се наоѓа во Шведска, а покрај малата пријатна тераса со цветен декор, располага и со уште една задна тераса, која нуди неверојатна глетка на градот. Инспиративен мини дом, кој уште еднаш докажува дека димензиите на просторот не се ни малку пречка за изразување на личниот стил….