Убаво, елегантно и софистицирано, а истовремено многу практично и паметно решение – вака изгледа концептот по кој е уредена оваа привлечна и комфорна спална соба, дизајнирана со деликатен спој на белата боја и златните допири. Фасцинацијата од оваа комбинација е присутна до најситниот детал, од изборот на мебел и прекривки, па се’ до декoративните финеси. Тандемот бело и златно придонесува за уникатен визуелен ефект во спалната: белата боја и го дава потребниот смирен и релаксирачки амбиент за квалитетен сон, додека златото внесува многу раскош, префинета и гламурозна нота во просторот. Освен што е многу шик и со атрактивен изглед, може да се пофали и со креативни решенија за складирање, искористувајќи го слободниот простор на мошне рационален начин. Така, делот над креветот е многу функционално и убаво искористен како полица со лежерно поставени книги, украси и лампа за осветлување. Крај креветот, сместена е едноставна, но елегантна бела масичка со златни ногарки, одлична за оставање на шолјата чај или книгата. Светилката над неа пак, овозможува дополнително светло за читање во доцните часови. Изборот на прекривки и перници целосно се придржува до бело-златната тема, со микс на бели, окер нијанси и суптилен сив допир кој ненаметливо ја разбива монотонијата. Се’ e толку непрентициозно, спонтано, лежерно и минималистички, а сепак со огромна количина на стил и елеганција, типично за скандинавскиот стил. Одлична идеја доколку сте во потрага по инспиративен дизајн за стилско уредување на вашето ноќно катче.