Прекрасен колоритен дом, разигран и исполнет со многу различни бои, дезени и текстури, во кој радосната атмосфера е секојдневие, бидејќи секој поглед кон некое од симпатично уредените катчиња изнудува насмевка на лицето. Целта на дизајнерката Mónica Andina, која е и сопственичка на овој инспиративен дом, била, со уредувањето да ја претвори куќата во мирно и убаво станбено прибежиште во динамичниот град, во тандем со нејзиниот соработник Fernando Tapia. Резултатот од заедничката соработка е извонредна еклектичка естетика со која восхитува просторот и шарен кокетен дизајн кој шармира во домот. Во ентериерот умешно се испреплетуваат модерни и винтиџ парчиња мебел и детали во совршен микс. Живите бои ги има насекаде, во светли, интензивни и весели тонови, со по малку ризично комбинирање на толку многу различни јаки бои на едно место, но во овој случај плодот од ваквото експериментирање е исклучително привлечен, смел и оптимистичен естетски изглед. Доминантни тонови се зелената и сината, надополнети со црвеникавите допири, давајќи му живост на динамичниот ентериер, а во комбинација со деталите и текстилот со разиграни етно мотиви и дезени. Колоритната експлозија е смирена со изборот на белата боја како основа за ѕидовите, и вметнувањето светли, неутрални и пастелни нијанси во опкружувањето, многу пријатни природни материјали, дрвена нота и цветен декор. На тој начин овозможено комфорно и смирено чувство, хармонично ублажувајќи го сето шаренило. Кокетна завршница е преубавата разеленета градина, деликатно и со многу стил уредена со идилични катчиња за седење со пријателите или, пак, за уживање во приватните мигови. Убавина во сите бои!