Инспирацијата овојпат пристигнува од шпанската престолнина Мадрид, а за дизајнот на овој стан со малку квадратни метри, но многу стил спакуван во нив, одговорна е дизајнерката Paloma Martínez Gil. Со површина од скромни 53 метри квадратни, ова мини станбено катче визуелно делува многу попространо од она што фактички е, прекрасно изгледа, а притоа овозможен е и максимален комфор за удобен престој во него. Која е тајната? Во процесот на реновирање, сведена е на минимум преградната улога на ѕидовите во станот, со што е креиран амбиент на еден отворен простор. Со новиот распоред, станот е поделен на две, речиси симетрични целини: дневна и ноќна зона, при што, дневната соба, трпезаријата и кујната се интегрирани како дел од едната, додека приватните простории за кои интимноста е предуслов, сместени се на другата страна. Старите прозорци се заменети со нови, многу поголеми, кои комплетно ја измениле перспективата, овозможувајќи продор на мноштво природна светлина во секое катче. Ентериерот е префинето и урбано здание, стилизирано со доминација на белата боја, искомбинирана со крем, пастелни цветни и светли кафени нијанси, кои му даваат суптилен, свеж и нежен изглед. Декорот е деликатно избран, со сензуален микс на фини дрвени допири, цветни аранжмани и детали со носталгична ретро нота која освојува.