Доколку сте вљубеници во белите ентериери, тогаш овој прекрасен дом дефинитивно ќе ве маѓепса и освои со својата снежно бела убавина. Пријатна мала куќичка во Шведска, со стара градба која е реконструирана во внатрешноста од нејзините сопственици, задржувајќи ги духот и атмосферата на минатото, со мноштвото архаични допири и винтиџ изгледот на ентериерот. Уредена во скандинавски стил, со фасцинација од белата боја, воочлива уште однадвор, со нежната фасада во бел тон, во комбинција со впечатливиот кров во ментол зелена боја, а продолжува во внатрешноста, ширејќи се во секое катче од ентериерот, како основна боја на ѕидовите и бојадисаните антиквитети. Сепак, и покрај огромната количина на бела боја во просторот, домот не е нималку монотон и ,обичен”, туку напротив – инспирира со својата деликатност и енергијата која ја рефлектира. За тоа е најмногу заслужен внимателниот избор на деталите, кои на доминантната белина и даваат романтична, свежа, елегантна и по малку бајковита нота. Декорот е цветен, нежен и суптилен, со минималистички шарм, карактеристичен за скандинавските ентериери, а го има буквално насекаде, почнувајќи од дневната, преку кокетната кујна, па се’ до сензуалната бања. Цветните мотиви и дрвените допири внесуваат чувство на топлина и пријатен амбиент во домот, додека големите прозорци креираат неверојатно сјајно и светло издание на просторот. А, кога би се бирало омиленото или најинспиративно место за престој во домот, тоа сигурно би биле пријатните и романтични катчиња за седење надвор, на терасата или воодушевувачката цветна градина.