Место на кое соништата се остваруваат, фантазиите оживуваат, и секој следен миг е ново магично доживување од сказната наречена Позитано. Во сликовитото мало приморско гратче, како бисер на италијанскиот брег Амалфи, се извишува Villa Tre Ville, неверојатен комплекс со фасцинантни глетки на Тиренското Море и атмосфера од која застанува здивот. Некогашната стара историска резиденција, во која мноштво уметници и ѕвезди пронашле свое културно прибежиште, денес е бутик хотел кој со својот извонреден дизајн ги освојува сите посетители, нудејќи им го најубавото од колоритното ридско гратче Позитано и од традицијата на јужна Италија. Амбиент како од бајка, со ентериер во кој секоја соба е мини ремек дело осмислено до последниот детал, со луксузен мебел, колоритна керамика и безброј амбиентални украси, кои одново и одново воодушевуват. А кога на тоа ќе се надоврзат живописните тераси и градини, со магични панорамски погледи, јасно станува дека ваква хармонична убавина ретко може да се пронајде и доживее на некое друго место.