Со површина од само 32 метри квадратни, овој минијатурен стан е совршена визија за универзално, современо и урбано катче, кое е спакувано во мали пропорции, а располага со сите предиспозиции за удобен живот во него. Сместен е во Одеса, Украина, а за целокупното уредување на ентериерот одговорна е дизајнерката Татьяна Пичугина, која во ова мало издание има интегрирано дневна соба, спална, екипирана кујна и бања, со максимална функционалност, без притоа станот да делува пренатрупан и некомфорен за престој во него. Напротив, изгледа многу попространо од она што фактички е, а површината е искористена поефикасно дури и од оние станбени објекти со многу повеќе квадрати на располагање. Која е тајната? Примената на минималистичкиот стил на уредување, внимателниот избор на мебел со модерен дизајн, креативните решенија за складирање и палетата на бои која како шема е присутна во секој простор. Налик на скандинавските ентериери, и во ова катче бело-црната игра со бои доминира во ентериерот, а надополнета е со детали и декор кој ги комбинира тиркизно сината и портокаловата боја – комплементарниот пар кој се покажува како одличен тандем во малиот простор. Му дава елегантен, избалансиран, свеж и релаксиран изглед, кој е пријатен и хармоничен за окото, но истовремено постигнат е и разигран, колоритен и динамичен ефект. Дневната и спалната соба се издвоени со полуѕид, оспособен од двете страни со простор за складирање, а исклучително убаво решение се ѕидовите со гитерка и изборот на дрвен под, со што е внесено пријатно топло чувство во ентериерот. Секој детал е одбран со многу вкус, а секое катче примамливо за престој во него. Впечатлив е и акцентираниот црн ѕид илустриран со креда, кој е апсолутен хит и еден од најактуелните трендови во дизајнот на ентериери. Инспирирајте се!