Потребно е многу креативност и добра организација, за станбен простор со мала површина функционално да се адаптира на животните потреби. Но, за стилот и елеганцијата да се спакуваат во минијатурно издание, покрај оригиналноста и креативната визија, веројатно од полза би било и некое магично стапче. Сепак, ништо не е невозможно, па ни тоа исклучително мал простор да зрачи со голема софистицираност, одразувајќи ги комплетно желбите и вкусовите на оние кои во него престојуваат. Совршен пример е овој минијатурен стан, со површина од само 38 метри квадратни, кој не само што располага со сите предуслови за удобно живеење, туку и со својата убавина и дизајн може слободно да им парира на оние со многу поголема квадратура. Сместен е во Стокхолм, а со доминантната скандинавска белина е типичен пример за шведски ентериер со минималистички приод кон уредувањето. Она што го прави посебен и му дава елегантна и префинета нота е комбинацијата на белата и црната боја со сензуалната зелена нијанса како избор за трета боја, која одлично се вклопува во амбиентот и им дава суптилен акцент на деталите. Со оглед на површината, дневната соба, трпезаријата и кујната се интегрирани во отворен простор, во кој играта со црната и белата боја создава впечаток дека секој предмет е со декоративна намена. Иако со малку расположлив простор, овој стан има засебна спална, бања, па дури и плакар во кој може да се чекори. Изборот на декорации го сочинуваат минималистички слики, тапети со зелени флорални мотиви, цветни аранжмани и ненаметлив африкански допир со зебра дезенот на килимот. Вистинска оаза на стилот и елеганцијата во само 38 метри квадратни.