Сместена е на ,,брегот на сонцето’’, со мноштво природна светлина и топол амбиент на југот во текот на целата година, па затоа е идеален дом за одмор на нејзините сопственици, независно од годишното време. Ентериерот е разигран со еклектички декорации и разновидност од бои и шари. Некаде се со помал, некаде со поголем интензитет на тоновите, во зависност од функционалната намена на просторот. Воочлива е фасцинацијата од сината боја, во сите нејзини нијанси, и присутна е речиси насекаде преку декоративните допири. Претставува нитка која стилски ги поврзува просториите, суптилно издвоени меѓу себе со сводови и прегради со завеси. Белата боја како основа на ѕидовите се покажува како одличен избор, максимално потенцирајќи ја убавината на колоритните украси и мебелот. На просторот му го дава потребното чувство на свежина, додека дрвените допири ја внесуваат рустичната нота и топлата атмосфера. Вистински предизвик е да се одреди кој е најмаркантниот дел од оваа колоритна оаза – дали е тоа нежната дневна соба со тиркизен акцент, симпатичното катче за читање крај прозорецот, убавата бела кујна, или, пак, идиличната градина со базен која кани на уживање под сончевите зраци. Едно е сигурно: насмевката не може да изостане во ниедно катче од овој прекрасен дом.
Колоритна куќа за одмор
Неодоливо шармантна и привлечна, со многу пријатни бои, кокетни дезени и материјали кои го облагородуваат просторот со виталност и позитивна животна енергија.