Ви претставуваме стан во сопственост на млада двојка од Њујорк, кој е суптилен, софистициран и нежен, а истовремено колоритен, весел и полн со живост и младешка енергија. Исполнет е со детали во јаки примарни бои, па така, на едно место искомбинирани се интензивна црвена, лимон жолта и сини акценти, со низа еклектички декорации, урбани мотиви, винтиџ детали и сувенири од патувањата. Му даваат посебен фанки шарм на дизајнот, а не се пренагласени и ,,напорни’’ за окото, туку само ја разигруваат белината и едноставноста на станот. Токму изборот на белата боја како основна во ентериерот се покажува како одличен потег, бидејќи му ја дава потребната смирена нота и релаксираност на престојот, како за сопствениците, така и за нивното мало дете, а притоа е компактна со мноштвото бои и декорации со кои е зачинет просторот. Станот располага со доволно пространа дневна соба со балкон, отворена кујна, две спални соби и бања, сите уредени со посебно внимание на деталите и автентичен печат, кој целосно го изразува карактерот на сопствениците: урбан, позитивен и космополитски.