„Не вознемирувај“ е интригантна серија фотографии на Anja Niemi. Со помош на куфер полн со облека и перики, Anja создава фотографии од самата себе, но секогаш претставувајќи различна приказна со различни карактери но на една локација; хотелски соби.
„Прочитав статија дека во 1950-тите домаќинките во Норвешка добивале платен одмор од страна на државата, за да одморат од статусот домаќинка. Помислив дека тоа е она што ми треба, но бидејќи ова веќе не постои решив да си го овозможам овој одмор, започнувајќи ја серијата „Не вознемирувај“ во хотелски соби.“
Беспрекорните композиции во секоја фотографија ги откриваат проблематичните приказни полни со приватни конфликти и емоции. Се добива непријатно чувство гледајќи сцена која е дел од нечија приватност.
„Приказните се лични, но откако фотографиите се направени веќе не се само за мене, секој кој ќе ги погледне може да ги толкува на свој начин и сам да создаде приказна за она што се случило или може да се случи, фотографиите се само момент.“