Од секогаш инспиративните нордиски ентериери, ви претставуваме едно несекојдневно убаво катче со одличен дизајн во типичен скандинавски стил. Препознатливата скандинавска белина, овојпат во комбинација со колоритни акценти, минималистички декор во живи бои, цветни детали и изразени женски допири во уредувањето, му даваат посебен шарм на овој стан со површина 90 метри квадратни, лоциран во Шведска. Просторен, комфорен и префинет, со минималистички дизајн, а максимална функционалност, во себе ги содржи сите компоненти кои може да се предвидат за пријатен престој и удобен живот во него, а притоа се’ е спакувано во исклучително убава целина. Вистински предизвик е да се одреди кое решение може да се издвои како најубав пример – дали е тоа прекрасната кујна со детали во интензивни сини, розови и зелени тонови што декоративно се издвојуваат во белото опкружување, или, пак, кокетната мала тераса со цветен аранжман и романтичен амбиент. Можеби тоа е големиот орман во кој може да се чекори и засебен простор издвоен исклучиво за складирање на чевлите и гардеробата, или, пак, лежерната спална соба со преубави глетки и продор на многу природна светлина од прозорците. Модерниот дизајн, дрвените допири и суптилниот декор, во минималистички уредениот бел ентериер, се нештата кои доминираат во овој дамски стан кој дефинитивно инспирира со својот урбан и софистициран изглед.