Mеѓу идиличните пејсажи на природниот парк Колсерола, во опкружување на шуми, ливади, мочуришта и изобилство од разновидна флора и фауна, сместен е прекрасен дом кој воодушевува со живописноста на внатрешноста, а особено со глетките надвор. Лоциран е на одлична локација во Барселона, во заштитена природна област, со концепт на уредување кој ја внесува околината во ентериерот, прегрнувајќи ја природата во дизајнерските решенија. Топол дом со кантри шарм, со големи отворени простори, палета земјени тонови во кои се бојадисани ѕидовите, удобен мебел и меки материјали во секоја соба, и доминација на белата и пастелните нијанси кога се деталите во прашање. Совршен начин убавината на екстериерот да се преслика во внатрешноста, надополнета од големите прозорци кои ги ,,врамуваат’’ глетките кон паркот, овозможувајќи продор на светлина. Целиот дом кокетира со играта на модерниот дизајн и рустичните мотиви, нудејќи комфор и лежерност за удобно живеење, а притоа изгледа несекојдневно убаво и примамливо. Допирите од дрво и бамбус, дабовите греди, традиционалните парчиња мебел и поплочениот под му даваат рустична нота, внесувајќи топлина и пријатност во амбиентот, а изборот на украси и цветни аранжмани го исполнува со свежина и романтичен амбиент. На излез од внатрешноста, пак, неодоливо дочекува идиличната тераса со раскошна убавина.
Идиличен дом во природа
Куќа која восхитува со топлиот ентериер и живописната градина.