Изборот на пастелна шема на тонови, не само што внесува смирена нота и хармоничен амбиент во домот, туку со нивна правилна комбинација преку мебелот и деталите, може да се постигне неверојатно елегантен и префинет ефект во ентериерот. Одличен пример за тоа е прекрасниот мадридски апартман, кој со суптилноста на кремастите и бледо сините тонови е несекојдневно убав животен простор, со примамлива грациозност, нежност и елеганција во секое катче. Применет е декоративниот трик кој често го употребуваат дизајнерите – избор на две основни бои, во овој случај крем и сина, а потоа преку игра со нивните различни нијанси и употреба на разновидни материјали, како комбинација се внесуваат во секоја соба, креирајќи на тој начин флуидност во целиот простор. Елегантниот мебел со сини акценти, дрвените допири и деталите кај кои доминираат тиркизно сината и ментол зелената боја, му даваат на ентериерот доволно разиграност за да се избегне монотонијата, а сепак умешно да се задржи сензуалноста и свежината на неутралните бои. Мноштвото оригинални уметнички дела, цветните аранжмани и луксузните драперии се дел од декорот кој му дава душа на просторот, совршено надополнувајќи ја, со многу вкус и стил, пространата естетска целина. Во домот е нагласена и љубовта кон книгите, со катче за читање крај прозорецот, неодолива библиотека и фасцинација од четивата која се чувствува насекаде во станот. Низ големите прозорци продира природна светлина, давајќи му светол израз на изгледот на секој простор, и нагласувајќи го и онака магичниот ефект на романтичните амбиентални украси.