,,Оние кои го бараат рајот на земјата, треба да дојдат и да го видат Дубровник’’ – напишал познатиот ирски писател Џорџ Бернард Шо, импресиониран од својата посета на овој идиличен град. На самиот југ од Хрватска, на ‘ртот на далматинскиот брег на Јадранското Море, распослан е прекрасниот Дубровник – градот единствен по својата убавина. Додека морските бранови го заплискуваат неговиот брег, стариот град се извишува како скапоцен бисер заштитен од масивните ѕидини, a зад нив – вистинско богатство од архитектонски зданија и уметнички дела, љубоморно чувани низ вековите од домашното население. Гордо носејќи го епитетот ,,Бисер на Јадранот’’, Дубровник мами туристи од целиот свет, со атрактивните локации долж брегот и островите, раскажувајќи им приказни и легенди ним, и на случајните патници, секогаш подготвен да ве поведе на магично патување низ минатото. Историјата е присутна во целиот град, кој истовремено е и музеј, и живописна сцена на која се пресретнуваат културното наследство и современиот живот. Секоја куќа и споменик имаат посебна вредност, опколени од монументалните ѕидини кои се сочувани во својот првобитен облик, и отворени за посетителите како најголема атракција на Дубровник. Шетајќи низ Страдун, или тесните улички и плоштади, трагајќи по тајните на стариот град, вниманието го одвлекуваат мноштвото импресивни палати, древните манастири, цркви, книжарници, ризници, музеи и уметнички галерии, во градот кој негува традиција на одржување културни манифестации, музички, театарски и фолклорни спектакли во текот на целата година. Жичарницата повикува на возење до ридот Срѓ, од чија височина мамат воздишки спектакуларните глетки на градот и ривиерата, а традиционалните ресторани канат нагурманско уживање во некој од вкусните рибни специјалитети и сортните вина на јужна Далмација. Секогаш сончев и топол, со пријатна и блага медитеранска клима, Дубровник и зиме е расцутен во боите на розите, мимозите и темјанушките, а во раната пролет градот оживува во нијансите на ирисите, нарцисите и гераниумите. Низ воздухот се шири мирисот на ароматични билки, лаванда и рузмарин, а на брегот и островите распрснати се медитеранските зимзелени стебла, борови, чемпреси и плантажите со овошки, лозје и маслинки. Дубровник е одличен избор за оние кои трагаат по предизвици и активен одмор, со забава, рекреација, спорт и безброј други можности за уживање, достапни во текот на целата година, и несекојдневно убави златни плажи, хотели и атракции, за сечиј вкус. Градот, чија хармонија на вегетацијата, карпите и морето е насликана и опеана од перата на многубројни големи уметници, никого го остава рамнодушен со совршеноста на ремек делото на човекот и природата.