Легендата вели, дека на шестиот ден, кога Бог завршувал со создавањето на Земјата, воодушевен од убавината на делото кое го создал, го зел светот в раце и го бакнал. Местото кое го допрел со своите усни, била Сицилија. Со површина од 25.708 km2 е најголемиот медитерански остров, распослан на самиот врв од италијанската ,,чизма’’, во средината на Средоземното Море, 160 км оддалечен од Тунис, и со излез на уште две мориња, Јонското и Тиренското. Доколку првата асоцијација при спомнувањето на нејзиното име ви е дека тука ќе бидете пречекани од членoвите на Cosa Nostra, озогласената сицилијанска мафија, реалноста говори нешто сосема поинакво. Како ретко каде, во Сицилија туристите наидуваат срдечен и топол дочек од гостопримливите домаќини, со несекојдневно пријатен и пријателски третман во текот на целиот одмор. Италијаните за неа велат дека е ,,повеќе од остров’’ и ,,ако ја видите, сте го виделе целиот свет’’, и не лажат. На едно место оваа космополитска дестинација ги спојува културите на Азија, Европа и Африка, оживувајќи ги со изобилството древни историски споменици, антички храмови, амфитеатри, средновековни катедрали и палати. Низ бурната историја долга повеќе од три милениуми, на ова тло стапнале мноштво освојувачи, меѓу кои и Грците, Римјаните, Арапите, Норманите, Феничаните…Сите оставиле свои траги врз архитектурата и фолклорот, претворајќи ја, денес автономната италијанска регија, во вистинска градина на културите и лулка на историјата. Кога на богатото културно наследство ќе се додадат раскошната природа и живописните пејсажи, убавите градови и мистичните села со рустикален амбиент, тиркизно синото море со кристално чиста вода и песочните плажи, јасно е дека со својата понуда може да ги задоволи вкусовите дури и најпребирливите. Главниот град Палермо нуди незаборавна прошетка низ модерната и древната архитектура, Таормина води на историско патување низ тајните на антиката, а Џардини Наксос ги открива благодетите на добрата забава и одморот од соништата. Од обиколката не смее да се изостават ни Сиракуза, Агриџенто и Месина, но и останатите околни автентични градови и помалите острови со рајски плажи. За трагачите по возбуди, пак, на местото каде стрмните планински карпи се капат во морето, извишен е најпознатиот и единствен жив вулкан во Европа – Етна, на висина од 3.340 метри, со стотици изгасени и активни кратери. На патот низ Сицилија, не може, а да не се посети некој од локалните ресторани, со богата трпеза од вкусни рибни деликатеси, паста со сардини, традиционална сицилијанска пица, слатки со бадеми и мед, како и шише квалитетно домашно вино. Инспириран од величенственоста на медитеранската убавица, познатиот писател Гете ќе рече: ,, да ја видите Италија без да ја видите Сицилија, значи дека не сте ја виделе Италија, бидејќи Сицилија е клучот на сè. ’’