Ако за малите станбени површини важи правилото дека минимализмот и едноставноста се најдобрата опција за уредување на просторот, тогаш овај колоритен и неверојатно среќен дом кокетно им пркоси на ваквите убедувања. Иако е со површина од само 48 метри квадратни, тој е комплетно функционален, а притоа зрачи со енергичноста и шик амбиентот, рефлектирајќи неизмерна љубов и радост на живеењето. Со оглед на можностите, дневната, спалната соба и кујната се интегрирани во еден единствен отворен простор, издвојувајќи се меѓусебно со начинот на кој е позициониран мебелот. Белата боја е основата на ѕидовите, зачинета со тапети во шарени дезени и уникатни ѕидни украси, а просторот е разигран со впечатливи винтиџ декорации во интензивни и јаки бои. Во дневната соба, духот на раните 70-ти години е внесен со ретро фотелјата и мини-орманот во електрично сина боја, а во комбинација со останатите нежни парчиња бел мебел, декоративни перници и корален тапет во позадината. Веднаш до неа, сместена е малата весела кујна, која иако е со црни елементи, сепак на инвентивен начин се надоврзува со оптимистичките пораки. Со шпорет и мијалник инкорпорирани во ѕидот, голем простор за складирање и дрвен допир со рустикалната маса, одлично е екипирана и се вклопува во контрастниот спој од традиционално и модернистичко опкружување. Креветот е поставен на дрвени палети, решение кое овозможува дополнителен простор за складирање, а со колоритноста и шарениот дизајн идеално се надоврзува на приказната од дневната. Поради интимноста, единствено бањата е издвоена во посебна просторна целина, уредена со цветен дезен во зелени и златни тонови. Недостатокот од градина и тераса симпатично е надминат со вазните свежо цвеќе поставени во секое катче, а финиширано со импровизираната зелена ,,градина” над креветот, издигната над романтична бела ограда.