Кога овој дом би бил парфем, неговите соби би опивале со мирисите на јаболко, јагода и ванила – трите бои кои се есенцијата на овој деликатно уреден простор во кој се вдишува сензуалност и свежина. Некогашната стара и руинирана шпанска градба, денес е совршен дом на четири припаднички на понежниот пол. Комплетно е преуреден од архитектката Gaby Conde, со софистициран, но исклучително функционален дизајн. Во просторот продира многу природна светлина, овозможувајќи пријатен и свеж амбиент, надополнет со светли бои кои доминираат во ентериерот, како нежните нијанси на ванила, праска, крем и бледо сивите детали на ѕидовите, но и белите плафони со романтични орнаменти. Ефектот на разиграност е постигнат со рустикалните парчиња мебел и светилки, дрвените додатоци, деталите во зелени, црвени, розеви и златни тонови, но и внимателно одбраните декорации и украси, давајќи му личен печат со неверојатен шарм и елеганција. Особено впечатлив е цветниот декор, цветните детали и вазни со живо цвеќе поставени буквално во секое катче, а завршувајќи на преубавата живописна градина.
Цветен дом на 4 девојки
Дом со женски допир - нежен, елегантен и бескрајно романтичен.