Алгарве е најјужниот регион во Португалија, со сончеви денови во текот на целата година. На површина од 5,400км2 се крие ,,најпознатата тајна на Европа”, како љубат да го наречат светските патници овој живописен крај, со популација од околу 450 илјади жители, и близу 10 милиони туристи кои го посетуваат секоја година. Почнувајќи од административниот центар Фаро, oмилената летна дестинација Албуфеира, преубавите Лагос и Алвор, но и сите останати помали градови и селца – секое место е специфично во својата убавина и различно во приказот на португалскиот дух и традиција. Автентичната архитектура, историските локалитети, занаетчиските работилници и сликовитите пејсажи, во комбинација со разновидната понуда на забавни содржини и луксузни одморалишта, оставаат секому избор за начинот на кој ќе ја доживее магијата на Алгарве. Во локалната архитектура се видливи трагите од маварското присуство, а во внатрешноста може да се пронајдат необичните села, се уште недопрени од туристите, длабоко затскриени зад боровите шуми. Плажите, пак, варираат од осамени заливи со преубави карпести гребени и пештери, до широки плажи со златни песоци долж брегот на Атлантскиот Океан. Насадите со портокали, лимони, калинки и смокви, расцветаните бадемови дрвја и мноштвото диви цвеќиња на оваа плодна покраина и даваат уникатна палета бои, кои се во совршен контраст со белината на традиционалните куќи. Пријатната клима е идеална за водени спортови и дружба со делфините, но и за многу други спортски активности, особено голф, со преубавите зелени терени на брегот, по кои е препознатлив Алгарве во светски рамки. Возбудлив е и ноќниот живот, со елегантните барови, клубови и марини, но и одличните ресторани во кои може да се дегустираат локалните рибни специјалитети. За љубителите на Португалија и трагачите по нови авантури, Алгарве е идеално место за уживање во безбројните можности под секогаш сончевиот хоризонт.