Италија, со својата богата култура и традиција е вечна инспирација за секое поле на естетиката, а особено за архитектурата, дизајнот и ентериерот, каде со векови е нотиран нејзиниот придонес и влијание на трендовите. Современите италијански домови се елегантни, романтични и стилизирани, со рамнотежа помеѓу убавиот изглед од една страна, и максималниот комфор и функционалност од друга. Повеќето Италијанци имаат одличен вкус за уредување, кој соодветствува на нивната љубов кон домот и семејството. Иако во себе вклучува повеќе стилови, како главно обележје на италијанскиот ентериер може да се издвои одржувањето на совршен спој помеѓу традиционалните вредности и современиот дизајн, комбинација помеѓу рустикалното и модерното.
Постигнете го изгледот:
Италијанскиот стил е лесно применлив. Придржувајќи се до некои основни одредници за уредување на домот, можете умешно да ги внесете шармот и елеганцијата на италијанскиот ентериер и во вашиот станбен простор.
Простор: Креирајте отворени простори во кои ќе продира многу природна светлина, и ќе овозможи допир на ентериерот со она што се случува надвор. Високите плафони и големите прозорци се одличен начин вашиот дом во текот на целиот ден да биде биде осветлен и сјаен. Карактеристични за италијанскиот дизајн се и дрвените панели, со кои се постигнува природен амбиент и чувство на топлина во домот.
Мебел: При изборот на мебел секогаш раководете се од добриот квалитет. Не е потребно пренатрупување на просторот со многу парчиња италијански мебел, туку доволни се неколку квалитетни, кои се добро поставени, убаво изгледаат, и пред се вам лично ви се допаѓаат. Едноставните софи и фотелји во комбинација со неколку перничиња се совршени за таа намена. Можете да направите и спој од антиквитети и современ дизајн, комбинирајќи во ист простор стар мебел и модерни декорации. Убавината е во умереноста.
Боја: Белата боја е синоним за италијанскиот ентериер, со која се постигнува елегантен изглед и целосно доаѓаат до израз убавиот мебел и декорациите во станбениот простор. Белата боја нека биде вашиот избор за основата и бојадисувањето на ѕидовите, а за уредувањето изберете светли и неутрални природни тонови, како боја на слонова коска.
Под: За целосно рефлектирање на италијанскиот дизајн во вашиот дом, изберете тврда подна подлога од дрво, камен или плочки. За постигнување на топол ефект, декорирајте со интересен килим или стаза.