Најрозовата кукла во светот – Барби, омилената играчка на секое мало девојче, повеќе од педесет години егзистистира на светскиот пазар и важи за најпознатата кукла во светот. Барби куклите низ годините служеле за инспирација во повеќе индустрии – при изработка на накит, многу од нив носат лик на некоја позната личност, а како и секој сегмент од поп културата, особено поради контраверзноста поврзана со животниот стил што го застапува, најмодерната кукла во светот често е предмет на пародии.
Се чини дека популарноста на Барби куклата никогаш нема да замре, а свеж доказ за ова е отворањето на новиот бар наречен Barbie Cafe во рајот на тематските локали, Тајван, првиот ресторан во светот чија главна тематика е познатата кукла. Креиран по лиценца на производителот на куклата, Mattel, сосема очекуван е фактот дека ресторанот е целосно обоен во розово, бојата карактеристична за Барби. Персонал облечен во розова облека, со сјајни крунички на глава, искомбинирано со ентериерот во разни нијанси на розово, секој предмет: мени, постери, врамени фотографии e со ликот на убавата кукла, во ресторанот несомнено владее уникатен женствен амбиент.