Природата е исполнета со неверојатни ‘чуда’ и истата не престанува да не’ изненадува и воодушевува со својата исклучителна убавина. Некои такви чуда на природата се дрвјата со необичните форми и големини, кои се единствени во светот и карактеристични за одредени поднебја. Во листата што следува Ви ги презентираме најчудните дрвја во светот, кои дефинитивно треба да ги посетите ако сакате необични и егзотични дестинации.
Змејовото дрво
Ова таканаречено змејово дрво се наоѓа на островот Тенефире, дел од Канарските острови и истото е со висина од 22 метри, а старо околу 250 години. Овој вид на дрвја потекнуваат и се карактеристични за Канарските острови. Постојат информации кои велат дека низ историјата, античките племиња ги обожувале и им се молеле на тогашните дрвја од овој вид.
Дрвото Капела
Овој околу 1000-годишен даб се наоѓа во малото село Allouville-Bellefosse во Франција истото ја преживеало Француската револуција и сите промени што се случувале на ова тло. Откако во 16от век дрвото им дало закрила од невреме на татко и син, како благодарност тие ги изградиле во него двете капели. И до ден денес, дрвото претставува симбол за вербата и желбата за истрајност на луѓето. Овој даб е најстарото дрво во Франција и се верува дека е едно од најстарите во светот.
Баобаб дрвја
Овие интересни баобаб дрвја потекнуваат од Намибија, каде се наоѓаат повеќе примероци од нив. Нивната необична форма, старите племиња во Намибија си ја објасниле како дар од боговите – бидејќи биле преголеми, биле спуштени од небото наопаку, со корените нагоре. Висината е од 12 до 22 метри, а најстарото од сите овие ‘превртени дрвја ‘има 800 години.
Дрво на животот
Ова Дрво на животот е старо 400 години и е едно од дрвјата чии корени постигнуваат навистина голема длабочина во земјата. Истото е високо 10-ина метри и е позната турстичка атракција во Бахрејн, Персиски голф. Ова е најиздржливото дрво во светот, кое 400 години опстојува на место во чија близина нема вода. Уште една карактеристика на дрвото на животот е тоа што секој дел од него е неверојатно корисен – листовите се лековите и имаат долга историја на медицинска употреба, а зрнестите плодови низ годините служеле како извор на живот и исхранувале голем број на племиња кои живееле во околината. Можеме да кажеме дека сосема заслужено се нарекува дрвото на животот, зарем не?
Бомбакс
Ова дрво се наоѓа во познатиот храм во Камбоџа, Ta Prohm и истото го карактеризираат издржливост и нетипично долги корени. Висината на овој тип на таканаречено свилено памучно дрво, достигнува од 30 до 50 метри. Ова свето место на дрвото и храмот е прогласено за локација од светско наследство и заштитено од Унеско.
El Árbol del Tule
Ова мексичко дрво е единствено во светот и го карактеризира големата ширина на стеблото и големи чворови на истото. Се наоѓа во дворот на околната црква во гратчето Santa María del Tule, во Мексико. Неговата старост не се знае со сигурност, се претпоставува дека е некаде помеѓу 1200 и 3000 години. Последните информации велат дека дрвото полека умира поради тоа што неговите корени се оштетени од загаденоста на околината и нејзината недоволна влажност.
Дрвото Сабина
Ова е најпознатото џунипер дрво кое се наоѓа на шпанскиот остров El Hierro. Круната на ова дрво е речиси закопана во земјата и истото изгледа како да е поклонето пред природата. Оваа необична форма се должи на деформација причинета од константните ветрови на островот.
Дрвото Канделабра
Дрвото Канделабра е со висина од 96 метри и е едно од највисоките дрвjа во светот. Ова дрво се наоѓа во Леџет, Калифорнија и е дел од Drive Thru Tree паркот. Паркот го добил називот по самото дрво во чие стебло во 1930та година била избушена дупка широка и висока 2 метри, за да може да се одвива непречено сообраќајот. И до ден денес дрвото служи како тунел и низ него секојдневно поминуваат стотици автомобили.