Како и вообичаено професорот го завршил предавањето и по навика ги запрашал студентите – „Има ли некое прашање“?, притоа не очекувајќи ниту едно. Но, иако дотогаш речиси никогаш не се случувало, еден од студентите го изненадил. Станал, погледнал кон колегите, а потоа во очите на професорот и прашал: – „Професоре, која е смислата на животот“? На тоа, дел од студентите се изнасмеале и продолжиле по својот пат, а професорот гледал во колегата со сомнеж, анализирајќи дали се работи за некаква шега. Откако ја увидел сериозноста на студентот посегнал со раката во џебот, по паричникот, од кој извадил парче од огледало и ја започнал својата приказна:
Бев дете за време на војната. Еден ден седев на улица и гледав безброј парчиња од скршено огледало. Бидејќи немав многу играчки зедов едно од нив да си поиграм. Набрзо сфатив дека можам сончевата светлина да ја насочам на некои места каде што сонцето никогаш не можело да допре: длабока јама или пак темна просторија на северната страна од зградата… Кога пораснав сфатив дека тоа не беше само игра туку и метафора на она што би можел да го правам во животот. И јас сум дел од едно огледало чија што големина и потполност не ги познавам. Но, со она што имам и што мислам дека сум, можам да внесам барем малку светлина, вистина, разбирање и добрина во темната и искривена перцепција на човековите дејствувања. Можеби така ќе променам нешто кај човекот со мрачно срце. Ако и другите го сфатат тоа, можеби ќе го направат истото – Ќе внесат светлина онаму каде што нема. Ете тоа е за мене смислата на животот и поради тоа сеуште го чувам ова парче од огледало, кое што преку својата игра со светлината ми го покажа патот.