ИМЕ ОД ВЕЧНОСТ- Ефтим Клетников
Ефтим Клетников, звучно име на модерната македонска поезија, поет, есеист, литературен и ликовен критичар, преведувач и антологичар, е автор на дваесетина поетски книги. Добитник е на најзначајните литерарни и општествени признанија кај нас. Двапати е добитник на наградата„Браќа Миладиновци“ на СВП, и трипати на наградата за најдобра поема “Григор Прличев”.
„Име од вечност“ во издание на Издавачкиот центар ТРИ е најновата поетска книга на Клетников. Таа, како што го покажува тоа и нејзиниот наслов, целосно ѝ е посветена на темата на Името, изворна тема на нашата болка, изолирање и притисок денес. Но тука, секако, не станува збор за класична патриотска поезија, туку за поезија што го шири својот семантички и симболошки хоризонт отаде строгата национална рамка од која првично тргнува. Таа ја открива и архетипската и митската димензија на темата Име, како и неговата ранливост, угроза и обесветување во еден суров свет кој и самиот е морално паднат и обесветен. Сето ова, откривајќи ја самата срцевина и длабочина на темата, Клетников го изнесува пред читателот во висока и есенцијална поезија во која се испреплетуваат судбинското, елегиското и химничното чувствување истовремено на феноменот Име, кој за нас, како никогаш досега е судбоносен: да се постои или да се исчезне.
„Име од вечност“ е напишана со целосен инспиративен и имагинациски елан од поет кој поезијата ја доживува и живее не како естетска игра, туку како судбина.