Оливер Стоун, легендарниот режисер и трикратен освојувач на Оскар, се враќа на големата сцена со филм во кој обедини ,,ѕвездена’’ актерска екипа.
,,Дивјаци’’ е насловот на неговото најново остварување, крими-трилер филмската приказна базирана на најпродаваното книжевно дело со ист наслов од Дон Винслоу, кој е воедно и коавтор на сценариото во соработка со Шејн Салерно.
Маестрото за контроверзни прашања, овојпат ни сервира сторија за марихуаната, светот на подземјето, необичната љубов и насилните валкани игри на нарко-картелите.
Арон Тејлор-Џонсон, Тејлор Кич и Блејк Лајвли, придружувани од Салма Хајек, Бенисио дел Торо и Џон Траволта, ja сочинуваат ѕвездената екипа која ќе се потруди да го измами вниманието на филмските сладокусци, во досега најочекуваното филмско парче на Стоун.
Протагонисти се Бен (Арон Тејлор-Џонсон) и Чон (Тејлор Кич) – едниот мирољубив будист, а другиот бивша ,,морнарска фока”. Она што ги спојува овие двајца пријатели е ,,тревата’’ која заедно ја одгледуваат, но и љубовта кон иста девојка, хипи убавицата Офелија (Блејк Лајвли). Нивната марихуана е меѓу најдобрите и најбараните на пазарот, што им овозможува пријатен и удобен живот во малото гратче во Јужна Калифорнија. И, кога се чини дека ништо не може им да го наруши спокојот и хармонијата на нивниот идиличен живот, на сцена стапуваат криминалците од мексиканскиот нарко-картел, кои по секоја цена сакаат да станат дел од бизнисот.
Во немилосрдната битка за освојување на сопственоста на Бен и Чон, мексиканскиот Баха Картел ја киднапира нивната ,,заедничка’’ девојка, и под присила се обидуваат да ја наметнат својата волја. Но, она што Елена (Салма Хајек), немилосрдниот лидер на картелот, и нејзиниот брутален помошник Ладо (Бенисио дел Торо) го потценуваат, е силната врска која ја поврзува оваа тројка, и подготвеноста да сторат сѐ еден за друг. Во безмилосната ,,војна на дивјаци’’ само еден може да биде победник. Кој ќе биде тоа?