Кога станува збор за украсување на нашите домови, некако секогаш се трудиме да ги најдеме оние уникатни парчиња кои ќе донесат искра убавина во нашите ентериери …
Без разлика дали станува збор за поголеми парчиња, нешто големо и гломазно или ситници кои не се ни очигледни на прв поглед, секој од нас сака да создаде простор преку кој ја искажува својата личност и остава траен впечаток на секој од нашите гости.
Многу дизајнери ширум светот даваат се од себе за да создадат уникатни парчиња, кои ќе ја покажат нивната вистинска личност само кога ќе ги внесете дома.
Англиската дизајнерка, Бетани Лора Вудс, создаде спектакуларен проект, кој доби нов живот благодарение на соработката со брендовите Касина и Венини.
Вудс создаде дуо вазни, сад со овошје и цилиндрична вазна произведени од брендот Венини, творец на рачно изработено Мурано стакло. Нејзините композиции во боја и дијамантски форми се здобија со нов живот преку леани метални форми, кои потоа беа поставени околу месинган волумен. За секој стаклен диск и дијамантски облик се користени две бои од архивата на Венини, кои кога се преклопуваат, создаваат трета сенка и неверојатен калеидоскопски ефект под допирот на светлината.