Ако оваа година не научивте да ја гледате чашата полу полна, веруваме дека и 2021 ќе биде малку тешка за вас …
Луѓето ширум светот го обвинуваат Ковид-19 за многу работи, покрај самата пандемија. Плановите за патувања, свадби и бројни важни моменти мораа да бидат откажани, бидејќи пандемијата одлучи да ги стави нашите животи во мирување. Сепак, да не беше пандемијата, како младите парови ќе имаа шанса да се венчаат на седмото небо?
Една приватна авиокомпанија нуди пакет “Weddings in the sky” за 28.000 американски долари, обидувајќи се да ја надополни загубата на патувањето, давајќи им можност на идните младенци да го кажат судбоносното да меѓу облаците. Оваа услуга ќе ги одведе младенците на лет што трае два часа или шест часа во друга варијанта.
Стандардните погодности во двата пакета вклучуваат возење со приватен возач до аеродромот, цветни аранжмани, избор на шампањ и канапе, персонализирани детали за венчавката и слично. Исто така, услугата како дел од понудата вклучува храна и пијалоци, кои можат да бидат подготвени според желбите на брачната двојка.
Ако не сте расположени за забава во облаците, се нуди малку поинтимна опција – Just the Two of Us, која започнува од 18 000 американски долари. Исто така, во соработка со компанијата, можете да креирате ваш сопствен пакет, кој ќе ви даде можност да изберете фотограф, автомобил и калиграф кој дизајнира програми за венчавки, менија, резервации и слично.