Италијанскиот моден бренд Gucci на модната ревија во вторникот испрати силна порака и го зазеде ставот дека е за легализација на абортусот. Во тоа име, еден модел прошета на модната писта во сако со натпис “Мое тело, мој избор”.
Креативниот директор на модниот бренд Gucci Alessandro Michele ја претстави својата најнова колекција. Ревијата која се одржа во Musei Capitolini во Рим содржи серија политички пораки поврзани со женската сексуалност и телесна автономија.
Една од пораките исто така беше феминистичкиот слоган од седумдесеттите “Мое тело, мој избор”, напишано на сакото. Ова парче потсетува на континуираната визија на креативниот директор на компанијата за слобода и еднаквост.
Во соопштението на компанијата, се наведува дека Gucci од започнувањето на иницијативата “Chime for Change” од 2013 година, покажа долгогодишна посветеност на жените и девојките преку финансирање на проекти низ целиот свет за поддршка на сексуалните и репродуктивните права, здравјето на мајките и слобода на индивидуалниот избор.