Филозофско поетската книга „Божја честичка“ на Глигор Стојковски, е дело во кое времето и просторот, како впрочем и човечкиот живот, се довижуваат во нивната парадоксалност, како мигови – куси исечоци, дури и при гигантнскиот блесок на Вселената.
“Божја честичка“ е голема поема за метафизичката суштина на секој вид постоење на светот во сите негови димензии, од микрокосмичката, преку историската, до вселенската.
Книгата ја сочинуваат Пролог, двете поеми „Ерусалим. Богови и војни“,и „Источен оган“, и Епилог.
Во предговорот на книгата „Божја честичка“, писателот Томислав Османли, покрај другото, нагласува: „Поетската мисла на Глигор Стојковски е единствена во македонското поетско творештво. Оригиналната преокупација на авторот, забалежлива и во неговите поранешни поетски објави, највпечатливо е донесена во мега-поемата насловена “Божја честичка”.
Поетската преокупација на Стојковски е метафизичкото доживување на постоењето, на едно темно и замислено, речиси блејковско ( William Blake) поимање на таинството на световите, оние три на кои го делиме светот: микро, мезо и макрокосмос.
Насекаде само божји честички на неспознатливата драма на постоењето, на дамнешното создавање и едновремено на миговното постоење на сѐ што нѐ опкружува, пред што Глигор Стојковски не престанува да се фасцинира и да нѐ соочува со кревкоста не само на нашето, туку и на сеопштото постоење, при кое во блесок е содржано создавањето и, речиси, едновремено, гибелта како предуслов за нови молскавични раѓања и пресоздавања…“
И во неговиот мега-поетични спис овој поет, под истата таа фасцинација со трагизмот на постоењето, тревожно пее:
” Честичката е мера на живоста,
на секавицата во дворот на Бога,
таа трае додека трае нејзиниот белсок
сосем налик на искрите
кои од дамнина блеснуваат и
згаснуваат во дворовите
во кои дотогаш го повторувале
и оттогаш ќе го повторуваат
ритуалот на доаѓањето
и заминувањето.
На раѓањето и умирањето.
Глигор Стојковски (1952) е поранешен новинар во „Нова Македонија“ и „Утрински весник“ и главен уредник на „Култура“, во моментов сопственик на издавачката куќа „ВиГ ЗЕНИЦА“.
Автор е на повеќе поетски книги како „Починка во чисти честички“, „Пајак“, „Очно дно“, „Студена минута“, „Зад билката молк“, „Око заборавено на небото“, „Порој“, „Капка оловна вода“, „Земјата сама ќе се отвори“, „Ерусалим – богови и војни“ “Источен оган”…
Превел книги од Давид Албахари, Никола Милошевиќ, Вида Огненовиќ, Александар Тишма, Исидора Секулиќ … и од многу дтуги автори.
Подготвил и неколку публицистички книги, коавтор е Венко Андоновски на монографијата „Зеницата на Македонија“. Тој е добитник и на наградите „Кочо Рацин’, „Нарциса“, „Браќа Миладиновци“, “Браќа Миладиновци, “Григор Прличев,”Нова Македонија”…