Имаме задоволство да ве известиме дека деновиве, од печат, излезе најновата прозна книга на нашата реномирана писателка Ирена Павлова Де Одорико. Издавачот на ова по многу нешта оригинално остварување, е ’’Феникс” од Скопје.
Промоцијата на романот “Емигрантка” ќе се одржи на 8. декември, на Мала сцена при Кoнресниот центар ,,Александар Македонски”- Скопје, во копродукција со независниот Театар 007.
Куриозитет во рамките на оваа книга е што таа изгледа како пасош, како нејзината насловна страница , така и однатре, со илустрации од самата авторка.
За нејзиниот роман, ќе говорат Милован Стефановски, Звездан Георгиевски и Ѓорги Митровски.
Ексклузивно за Diavian arts од авторката на “Емигрантка”
Ирена Павлова Де Одорико е родена во Велес. Поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, преведувачка и есеистка.
Авторка е на книгите’’Велзевул’’, “Номад”, “Новата Ева”, “Деколте длабоко”, “Потстанарка”, “Од другата страна на животот”, “Новиот човек”, “Антологија на заборавените македонски поетеси”, “Пенелопа.нет”, ’’Пенелопа во Венеција’’, објавена во 2016 година.
Во 2001-та година влегува меѓу десетте европски финалисти за наградата ’’Рома-Тиволи-Европа, и истата година учествува на Светскиот поетски фестивал ’’Венециското биенале’’, од каде е селектирана и во светската поетска антологија под наслов ’’Специјална едиција на Венециското биенале’’.
Нејзините песни се застапени во многу наши и светски антологии. Преведувана е на повеќе странски јазици. Добитник е на неколку наши и странски награди за литература.